Судскиот совет повторно одлучи да не го назначи најдоброоценетиот судија за вршител на должност претседател на еден од најважните судови во државата, иако Законот за судовите директно го врзува привремениот избор со резултатите од последното оценување. За в.д. претседател на Апелацискиот суд Скопје беше избран Зоран Герасимовски, додека Тања Милева, судијката со најголем број бодови меѓу активните судии што можеле да бидат земени предвид, доби само два гласа.
Одлуката не отвора прашање дали Герасимовски е искусен и квалитетен судија. Неговите професионални квалификации не беа оспорени ниту од членовите што се спротивставија на изборот. Проблемот е што Судскиот совет повторно ја стави сопствената процена за менаџерските способности над мерливиот критериум што веќе е запишан во законот.
За Герасимовски гласаа девет члена на Советот, а двајца беа против. Претходно, предлогот Тања Милева да биде назначена за в.д. претседателка доби само два гласа „за“, додека девет члена гласаа против. Тој ќе раководи со скопска Апелација до изборот на претседател во редовна постапка, за што Советот истиот ден одлучи да објави оглас.
Потребата од привремен претседател се појави откако досегашната претседателка на Апелацискиот суд Скопје, Мери Дика-Георгиевска, беше избрана за судијка на Уставниот суд. Наместо изборот на в.д. претседател да биде техничко спроведување на законскиот критериум, во Судскиот совет се отвори расправа во која бодовите од оценувањето беа спротивставени на искуството, раководните способности и состојбата во одделите на судот.
Членката Антоанета Димовска ја предложила Милева, наведувајќи дека таа работи во Апелацискиот суд од 2019 година и може да се справи со менаџерските обврски. Сузана Јошевска-Анастасовска посочила дека Милева има најмногу бодови меѓу активните судии и дека токму поради тоа треба да биде избрана.
Според Јошевска-Анастасовска, определувањето вршител на должност не треба да се претвора во слободен кадровски избор на Советот. Таа нагласила дека професионалниот квалитет на судиите веќе бил објективно утврден преку оценувањето, поради што Советот требало да го избере судијата со највисок резултат.
Членот Ивица Николовски, кој го предложил Герасимовски, се повикал на неговото долгогодишно искуство, позитивните оценки, надминувањето на нормата, работата како раководител на судски оддел, поранешниот ангажман во Судскиот совет и функцијата заменик-претседател на Апелацискиот суд. Тој навел и дека треба да се земе предвид дали предложениот судија е подготвен да ја преземе раководната одговорност.
Герасимовски не бил оценуван во последниот циклус поради неговиот претходен мандат како член на Судскиот совет. Наместо ова да биде третирано како пречка за споредување со активните и оценети судии, мнозинството ги земало предвид неговите резултати од претходните години и сопствената процена за неговите раководни способности.
Членката Џенета Бектовиќ оценила дека Милева е одличен судија во кривичната област, но дека Герасимовски, кој работи во граѓанскиот оддел, би можел подобро да одговори на проблемите со граѓанските предмети и недостигот од судии во тој оддел. Со тоа, мнозинството фактички вовело дополнителни критериуми што не произлегуваат од законската формула за назначување вршител на должност.
Членот 89 од Законот за судовите предвидува дека по престанокот или разрешувањето на претседателот, до изборот на нов претседател, Судскиот совет определува вршител на должност од редот на судиите во судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и има најголем број бодови во однос на останатите судии.
Одредбата не вели дека Советот може да избере кој било позитивно оценет судија за кого мнозинството ќе процени дека има подобри менаџерски способности. Не предвидува ниту посебно бодување на раководното искуство, состојбата во одделите или подготвеноста на кандидатот да ја прифати функцијата. Таквите елементи може да бидат релевантни при редовниот избор на претседател, но законот за привремениот избор воспоставува конкретен и мерлив критериум.
Поради тоа, одлуката отвора сериозно прашање како Судскиот совет го толкува членот 89 и врз која правна основа најдоброоценетата судијка била прескокната. Советот има право да расправа за професионалните и менаџерските способности, но нема право со сопствена практика да ја менува содржината на законската одредба.
Ова не е првпат Судскиот совет да постапи на ваков начин. Во јули 2025 година за в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје беше назначена Даниела Димовска, иако според последното оценување била единаесетта на ранг-листата. И тогаш дел од членовите предупредуваа дека членот 89 налага да биде избран најдоброоценетиот судија.
Тој избор предизвика остри реакции во судската фела. Судијата Ненад Савески јавно ги обвини членовите на Советот дека постапиле спротивно на законот, а организации што ја следат работата на правосудството предупредија дека необразложеното отстапување од законскиот критериум ја поткопува правната сигурност и довербата во постапките за избор.
Само една година подоцна, истиот спорен модел е применет и во Апелацискиот суд Скопје. Бодовите се третираат како еден од повеќето можни аргументи, а не како критериум што законодавецот го поставил за да ја ограничи дискрецијата на Судскиот совет.
Таквата практика создава правна неизвесност за сите судии. Оценувањето треба да претставува објективна основа за нивното напредување и преземање функции. Доколку резултатите може да бидат оставени настрана секогаш кога мнозинството ќе процени дека друг кандидат има подобри неформални или менаџерски квалитети, се намалува значењето и на бодовите и на целата постапка за оценување.
Герасимовски има долгогодишно искуство во судството. За судија во Основниот суд Тетово бил избран во 2005 година, а од 2017 година работи во Апелацискиот суд Скопје во граѓанската област. Во 2022 година бил избран за член на Судскиот совет од редот на судиите, но во 2023 година поднел оставка поради несогласувања во работата на Советот.
Неговата биографија може да биде силен аргумент доколку се кандидира на редовниот оглас за претседател на Апелацискиот суд. Но во постапката за вршител на должност клучното прашање не е кој кандидат мнозинството го смета за поспособен, туку дали Советот го применил законскиот критериум што требало да ја спречи токму таквата слободна кадровска процена.
Со повторното прескокнување на најдоброоценетиот судија, Судскиот совет не ја разреши дилемата создадена со изборот во Кривичниот суд, туку ја претвори во практика. Институцијата што треба да ја гарантира самостојноста, професионалноста и законитоста во судството повторно не објасни како може да бара судиите доследно да ги применуваат законите, додека самата избира по критериуми што не се наведени во одредбата што ја уредува постапката.
