Тешка семејна трагедија се случила во Скопје, каде едно лице го загубило животот по расправија што прераснала во физички напад во семејниот дом. Според првичните информации од истрагата, синот со нож го усмртил својот татко, откако претходно таткото, кој бил во алкохолизирана состојба, физички ја нападнал сопругата.
Според досегашните сознанија, инцидентот започнал со семејна расправија, која брзо ескалирала. Откако таткото наводно почнал да ја напаѓа мајката, нивниот син интервенирал во обид да ја заштити. Во текот на пресметката употребил нож, нанесувајќи му повреди од кои таткото починал.
На местото на настанот веднаш пристигнале полициски екипи и јавен обвинител. Извршен бил увид, а по наредба на обвинителството се преземаат сите неопходни дејствија за целосно расчистување на околностите под кои се случила трагедијата.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, додека осомничениот е лишен од слобода и со него се води постапка. Истрагата треба да утврди дали биле исполнети законските услови за нужна одбрана или постојат елементи на друго кривично дело.
