Северна Македонија ќе плати провизија за правни услуги на приватна фирма за кредитот од Унгарија

По објавата дека е готов законот за унгарскиот кредит, според планот во предлог нацртот, Република Северна Македонија ќе плати провизија за правни услуги на независна фирма, избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, во рамки на новиот заем од 500 милиони евра. Овој аспект е вклучен во предлог-законот што Владата го испрати до Собранието, каде се наведува дека провизијата за правни услуги мора да се исплати пред да биде повлечена првата транша од заемот.

Плаќањето на оваа провизија отвори сериозни прашања за транспарентноста и можните дополнителни трошоци за државата. Особено внимание привлекува фактот дека фирмата што ќе ги изврши правните услуги ќе биде избрана од унгарската банка, без учество на македонската влада во изборот. Овој дел од договорот ја зголемува финансиската тежина на заемот, кој веќе има договорени услови со фиксна каматна стапка од 3,25% и рок за отплата од 15 години.

Според предлог-законот, заемот од 500 милиони евра ќе се повлече во една транша, со грејс-период од три години. Заемот ќе се отплаќа во 24 полугодишни рати, со рокови на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, се предвидува плаќање на провизија од 0,5% на годишно ниво за неповлечените средства, која ќе се пресметува на дневна основа.

Во писмото кое го придружува предлог-законот, премиерот Христијан Мицкоски го информира парламентот дека Владата го утврдила текстот на предлог-законот на 3 септември, само седум дена пред тој да стигне во Собранието. Владата предлага овој акт да се носи по скратена постапка, што дополнително предизвикува политички дискусии.

Во контекст на овој заем, информациите за сличен заем од 1 милијарда евра што Унгарија го земала од Кина предизвикаа дополнителни реакции. Според „Политико“, унгарската влада позајмила 1 милијарда евра од три кинески банки, но не ја објавила оваа информација. Ова се случува во период кога премиерот Мицкоски го најави заемот од Унгарија.

Најчитано