Небритански, според потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас, е ставот на премиерот на Велика Британија Риши Сунак да ја откаже средбата со неговиот грчки колега во Лондон, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за австралиската телевизија Еј-Би-Си њуз, Схинас коментираше дека за оваа „неверојатна ситуација“, како што ја карактеризираше откажаната средба, дознал штом слетал во Канбера и ја изрази неговата изненаденост од одлуката на Сунак.
-Добро ја знам Велика Британија, студирав во Велика Британија, живеев таму и е зачудувачки како британскиот премиер може да стигне до тоа да одбие да разговара со некој со кој не се согласува. Ова е толку небританско, што понебританско не може да биде. Не можам да најдам зборови за тоа што се случи, истакна Схинас.
Паралелно, потенцираше дека „не постои сомнеж дека скулптурите би требало да се вратат онаму каде што припаѓааат, а тоа е Музејот на Акропол“.