Пеколните горештини се опасни и за милениците: како да ги заштитите од топлотен удар

Миленици

Топлотните бранови можат сериозно да го загрозат здравјето на домашните миленици, бидејќи животните не се ладат на ист начин како луѓето. Особено кучињата се ранливи поради ограничената можност за регулирање на телесната температура преку потење, па високите температури можат брзо да доведат до прегревање на организмот. 

Еден од најважните совети на ветеринарите е прошетките да се планираат во раните утрински или вечерните часови, кога температурите се пониски. Во текот на денот треба да се избегнува директно изложување на сонце, особено на жешки површини како асфалт, кој може да предизвика сериозни изгореници на шепите. 

Домашните миленици секогаш треба да имаат достапна свежа вода и место во сенка или разладена просторија. Во екстремно топлите денови не се препорачуваат долги активности, трчање или играње на отворено во најжешкиот период од денот. 

Сопствениците треба да внимаваат на знаците на топлотен удар кај животните. Забрзано дишење, прекумерна жед, слабост, нестабилно движење, повраќање, дијареја или губење свест се симптоми кои бараат итна реакција и ветеринарна помош. 

Посебно внимание е потребно кај постари животни, миленици со здравствени проблеми и раси со пократка муцка, кои имаат поголем ризик од проблеми при високи температури. Во летните месеци важно е сопствениците да ја приспособат секојдневната грижа и да избегнуваат ситуации во кои животното може да остане изложено на силна топлина. 

Ветеринарите потсетуваат дека милениците не треба никогаш да се оставаат сами во затворен автомобил, дури ни за кратко време, бидејќи температурата во возилото може опасно брзо да се зголеми и да предизвика животозагрозувачка состојба.

Најчитано