Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тошковски невистинито тврдеше дека ќе важат возачките дозволи со старото име

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски на 6 февруари годинава во интервју за телевизија Алсат изјави дека во државата ќе важат возачките дозволи на граѓаните со старото име – Република Македонија. Само пет дена по оваа изјава, вчера, МВР излезе со соопштение дека возачките дозволи со старото име на државата ќе бидат невалидни и ги повика граѓаните да не ги користат автомобилите со старите возачки дозволи. Оттаму, изјавата на Тошковски дадена на 6 февруари годинава, ја оценуваме како невистинита, пишува денеска во рубриката Проверка на фалкти агенцијата МЕТА.

Во интервјуто на телевизија Алсат, новинарката го прашува Тошковски: „Дали полицијата ќе нè казни доколку возиме со возачка дозвола, која има рок, но е со старото име“, на што Тошковски децидно одговара „не“ и додава:

„И возачките, во рамки на територијата на Република Македонија ќе важат“.

На 11 февруари, односно вчера, МВР излезе со соопштение околу начинот на користењето на новите документи, од 13 февруари на полноќ, кога на сила стапуваат обврските од Преспанскиот договор со кој Република Македонија го смени името во „Република Северна Македонија“.

Во соопштението се вели дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија.

„Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“, соопшти МВР.

Ова во целост се разликува од тврдењето на техничкиот министер за внатрешни работи што беше дадено претходно. Известувањето беше дадено само еден ден пред да стапат обврските од Преспанскиот договор, а до термин за закажување за фотографирање за лични документи е речиси невозможно да се дојде, бидејќи телефонската линија постојано се исклучува. Оттаму, во јавноста настана паника како за само еден ден граѓаните да дојдат до нови возачки дозволи, што е невозможно, со оглед на тоа што првите термини за фотографирање се дури кон крајот на мај годинава.

Вчера министерот Тошковски даде објаснување дека старите возачки дозволи нема да важат согласно Законот за безбедност во сообраќајот.

„По медиумите има информации дека МВР ќе казнува. Тоа не е суштината. Не дај Боже, ако се случи сообраќајна несреќа, осигурителните компании ќе имаат право на регрес само поради условот што возачката дозвола е неважечка. Ова е невидена грозотија која од утре ќе се случува“, изјави техничкиот министер за внатрешни работи во интервју за телевизија Канал 5.

Поради сето ова погоренаведено, МЕТА за невистинита ја оцени изјавата на Тошковски дека старите возачки дозволи кои имаат рок, а се со старото име на државата, ќе бидат валидни.

Зачлени се на нашиот е-билтен