Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Турција ќе го ограничи извозот во Израел поради нападите во Газа

Турција ќе го ограничи извозот на широк спектар на производи во Израел, вклучително и челик и авионско гориво, додека не се објави прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти денеска Министерството за трговија.

Ограничувањата ќе опфатат извоз на производи од 54 различни категории, вклучувајќи железо, мермер, челик, цемент, алуминиум, тули, ѓубрива, градежна опрема и производи и воздухопловно гориво, се вели во соопштението на Министерството.

„Одлуката ќе остане во сила се додека Израел, во согласност со своите обврски според меѓународното право, итно не прогласи прекин на огнот во Газа и не дозволи непречена испорака на доволна хуманитарна помош до Појасот Газа“, се вели во соопштението.

Тоа е прва значајна мерка на Анкара против Израел од почетокот на конфликтот меѓу израелските вооружени сили и палестинскиот Хамас во октомври минатата година, забележуваат агенциите.

Ограничувањата стапуваат на сила веднаш откако Израел го одби барањето на Турција да учествува во испораката на воздушна помош за Палестинците во Газа, соопшти Анкара.

Израел одговори дека ќе возврати со иста мерка, порачувајќи преку министерот за надворешни работи Израел Кац дека Турција „еднострано ги прекршила“ билатералните трговски договори.

Зачлени се на нашиот е-билтен