Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Влада: Додека не се изработат новите веб страници, информирајте се од Фејсбук, а таму само пропаганда, нема сервисни информации

Поминаа повеќе од 100 дена од формирање на влада, а повеќето веб-страници се водат според старите имиња на министерствата, а некои веб-страници воопшто не се ниту отворени.

Во преобразбата на министерствата по формирањето на новата влада, се чини оти ажурирањето и изработката на веб-страници сè уште не дошло на ред. Некои од новите министерства воопшто немаат веб-страници, а речиси сите од реорганизираните министерства се водат по старите имиња.

Со измената на законот, се формираа Mинистерствo за спорт, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за дигитална трансформација и Министерство за јавна администрација, а некои од министерствата се реорганизираа, како што е случајот со министерствата за економија и труд, за социјална политика, демографија и млади и Министерството за култура и туризам.

Новоформираните министерства немаат веб страници, како што е на пример Министерството за спорт, наследник на Агенцијата за млади и спорт.

Кога ќе се обидете да пронајдете веб-страница на ова министерство, пишува дека страната е во изработка.

На нашето прашање како граѓаните би се информирале за активностите на министерството, оттаму за Мета.мк рекоа дека најновите вести можат да се следат во соопштенијата испратени до медиумите.

Иронично, Министерството за дигитална трансформација, кое е едно од двете министерства – наследник на Министерството за информатичко општество и јавна администрација, исто така сè уште нема своја веб-страница. Постои само Фејсбук страница, каде што се промовираат активностите на министерот Стефан Андоновски.

Ова министерство е координатор на проектот за унифицирање на веб-страниците, и како што информираат од Владата, веќе е испратено барање до останатите министерства за номинација на контакт лица за администрирање на софтверското решение за унифицирани веб страници на Владата и на министерствата. 

Дополнително, извршена е и промена на планот за јавни набавки за да се обезбеди едно решение за сите веб-страници на министерствата и Владата. 

Покрај нив, речиси сите други веб-страници на новоформираните министерства се водат по своите стари имиња, и во банерот на веб-страницата, како и во кратенката која се користи во хиперлинкот. Во оваа катергорија спаѓаат министерствата за јавна администрација, за култура и туризам, за економија и труд, за надворешни работи и надворешна трговија и Министерството за социјална политка демографија и млади.

Министерство за енергетика рударство и минерални суровини има своја веб-страница, но таа не е линкувана на веб-страницата на Владата.

1 of 2

На веб-страницата на Министерството за европски прашања, кое е наследник на Секретеријатот за европски прашања, сè уште стои кратенката на Секретаријатот (sep.gov.mk), а и на самата веб-страница стојат и банерите на Министерството за европски прашања и Секретријатот за европски прашања. И називот на самата веб-страница, кога ќе ја пребарате онлајн, исто така гласи „Секретаријат за европски прашања“, што дополнително доведува до забуна.

1 of 2

Од Владата за Мета.мк информираат дека на 23-тата седница од страна на Министерството за дигитална трансформација била предложена и дискутирана темата за потребата од реализација на софтверско решение за унифицирани веб страници на Владата и на министерствата.

„По извршеното мапирање на состојбите, увидовме дека владините веб страници немаат соодветна заштита, имаат застарени лиценци, веб страницата на Владата е осетлива на надворешни сајбер напади и целосно е компромитирана нејзината позиција. На овој нов системски начин Владата и министерствата за прв пат ќе добијат унифицирани веб страници, со унифициран систем на заштита, подобрена транспарентност и зголемена поврзаност помеѓу министерствата“, велат од Владата.

Оттаму напоменуваат дека процесот по долги години стагнација е откочен и се одвива со забрзана динамика. Очекуваат во блиска иднина, односно до крајот на 2024 или почетокот на 2025 година, проектот за унифицирани веб страни да биде завршен. 

До тогаш, граѓаните за работата на министерствата ќе се информираат преку веќе постоечките страници на министерствата, а за работата на новите министерства од Владата велат дека граѓаните можат да се информираат на профилите на социјалните мрежи, и дополнуваат дека отвореноста кон медиумите е вистинска алатка за оваа цел. 

Новинари: Борјан Гаговски, Антонија Јаневска

Извор: МЕТА.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен