Во Центар сите училишта во една смена

Советот на Општина Центар ја изгласа одлуката за изработка на архитектонско-урбанистички проект за доградба на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, со што започнува последната фаза од планот сите основни училишта на територијата на општината да работат во една смена.

Одлуката била донесена на продолжението на деветтата седница на Советот, по предлог на градоначалникот Горан Герасимовски. Со проектот треба да се утврди начинот на проширување на училишниот објект и да се обезбедат дополнителни просторни капацитети за организирање на целата настава во прва смена.

„Со доградбата на ООУ ‘Јохан Хајнрих Песталоци’ не само што ги зголемуваме капацитетите на училиштето, туку конечно го исполнуваме и едно од нашите најважни ветувања – сите основни училишта во Општина Центар да преминат на едносменска настава“, изјави Герасимовски.

Од Општината наведуваат дека „Песталоци“ е последното училиште во кое треба да се создадат инфраструктурни услови за целосно напуштање на двосменското работење. Сепак, усвоената одлука не значи дека училиштето веднаш преминува на едносменска настава, туку дека започнува подготовката на проектната документација, по што треба да следуваат обезбедување средства, избор на изведувач и реализација на доградбата.

Под надлежност на Општина Центар работат осум основни училишта – „Киро Глигоров“, „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“, „Димитар Миладинов“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „11 Октомври“, „Коле Неделковски“ и „Кочо Рацин“.

Проширувањето на училишните капацитети во Центар е дел од поширокиот државен план за воведување едносменска работа и продолжен престој. Министерството за образование и наука во март соопшти дека се реализираат доградби на училишни објекти во Центар, Карпош и Ѓорче Петров, со цел да се обезбедат дополнителни училници и да се намали потребата од настава во две смени.

Според процените на Министерството, за воведување едносменска настава во сите основни училишта во државата се потребни околу 300 нови училници и 70 санитарни јазли, со проценета инвестиција од околу осум милиони евра. Во март 2025 година, настава во една смена се реализирала во околу 150 училишта во Македонија.

Во образложението на националниот концепт се наведува дека едносменската работа треба да овозможи подобро користење на училишните објекти, подолг престој на учениците во организирани активности, полесно планирање на наставата и намалување на трошоците што произлегуваат од работењето во две одделни смени. Реализацијата зависи од бројот на ученици, достапните училници, наставниот кадар и можностите за доградба или адаптација на постојните објекти.

Најчитано