Протест под мотото „Слободата има име. И јас сум ОВК“, во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово, ОВК, се одржа вечерва на плоштадот „Скендербег“ во Тирана.
Траеше неколку часа, со масовно присуство на Албанци од сите делови во регионов и повици за правда и ослободување на лидерите обвинети во Хаг. Носејќи национални знамиња и симболи на ОВК, учесниците ја изразија својата поддршка за поранешниот претседател Хашим Тачи и неговите соборци.
Учествуваа и пратеници од владејачката Социјалистичка партија, од помалите партии, но не и од опозициската Демократска партија, кои претходно кажаа дека нема да учествуваат барајќи „резолуција за осуда на српскиот геноцид во Косово а не протести на улица“.

За време на протестот говореа повеќе говорници, кои нагласија дека во Хаг „не им се суди само на четворица мажи, туку се суди и слободата на Косово“.
Поранешниот албански претседател Алфред Мојсиу, рече дека војната на ОВК била праведна и чиста и дека нејзините водачи биле затворени по неосновани обвиненија.
-Време е да не молчиме за да се заштитиме себеси и жртвите. Нема да дозволиме да се пролее крв. Обединети да ја заштитиме нашата нација, порача Моисиу.
Се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како еден од основачите на ОВК, кој изјави дека правдата е доведена во прашање поради постапките на Специјалниот суд, нагласувајќи истовремено дека ОВК не ги прекршила законите на војната и го заштитила својот народ од геноцид.
-Специјалниот суд произлезе од српската и руската кујна. ОВК ги почитуваше конвенциите за војна и не прекрши никаков закон за војна, а тоа го докажаа американските и британските сведоштва во Хаг. Нивната слобода мора да дојде без одложување, рече Ахмети.
Премиерот Еди Рама, во поддршка на денешниот протест за поранешните водачи на ОВК, сподели видео на Фејсбук, на кое се гледаат присутните граѓани, кои едногласно извикуваат „ОВК“ и „Хашим Тачи“ и напиша „Срце планина“, изразувајќи го својот став за протестот. Исто така објави и фотогарафија на која се гледа тој, присутните на протестот, како и на Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.
Претходно протест во знак на поддршка на високите раководители на ОВК, на кои им се суди за воени злосторства имаше во Хаг и во Приштина. По Тирана, како што најави Ахмети „само прашање на време е одржување протест во Скопје“.