Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Турција приведени 33 лица осомничени за поврзаност со Исламската држава и подготовка на напади

Турската полиција уапси 33 лица осомничени за врски со групата Исламска држава и подготвување напади пред локалните избори во земјата кон крајот на овој месец, изјави денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Осомничените се подготвувале и барале каде да оперираат пред претстојните избори, напиша министерот на „Х“.

Изборите треба да се одржат на 31 март.

Министерот рече дека антитерористичката полиција во Сакарија, северозападна Турција, во рации пронашла оружје, пари и „документи за организацијата“.

-Нема да толерираме терористи. Ќе ја продолжиме нашата борба без прекин со големи напори на нашите безбедносни сили, рече Јерликаја.

Тој додаде дека мрежата обезбедувала луѓе за воените зони и финансиска поддршка за Исламската држава додека оперирала од илегални џамии и верски училишта.

Турција беше погодена од голем број напади поврзани со Исламска држава во изминатите 10 години, вклучително и вооружен напад во црква во Истанбул во јануари, кога загина едно лице.

Исламската држава е поврзана и со најсмртоносниот напад во земјата, кога повеќе од 100 луѓе загинаа на мировниот митинг во Анкара во октомври 2015 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен