Иницијативата „Отворен Балкан“ не само што ја забрзува нашата европска интеграција, туку и создава услови ние практично да спроведуваме дел од европските стандарди заедно со земјите од регионот, како подготовка за она што ќе се случува после нашиот влез во ЕУ со сите земји членки, вели во интервју за „Локално“, Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.
Посочува дека со доаѓањето на Јаков Милатовиќ на претседателската функција во Црна Гора, политичките текови обезбедуваат таа држава да има и премиер и претседател кои се силни поддржувачи на приклучувањето кон Отворен Балкан.
-Отворен Балкан има политика на постојано отворени врати за трите земји од Западен Балкан, но и за други земји членки на ЕУ од регионот. Отворен Балкан е создаден заради граѓаните, а не заради политичарите, дециден е Забрчанец.
Дали „Отворен балкан“ е забрзувач на нашата евроинтеграција?
-Преку Отворен Балкан практицираме европски вредности, европски економски политики и европски начин на соработка со нашите соседи. Оттука, оваа регионална иницијатива не само што ја забрзува нашата европска интеграција туку и создава услови ние практично да спроведуваме дел од европските стандарди заедно со земјите од регионот, како подготовка за она што ќе се случува после нашиот влез во ЕУ со сите земји членки. Така што, да, Отворен Балкан е забрзувач на македонската и регионалната евроинтеграција и реализатор на европски економски политики во нашиот регион.
Колку беше важен меѓународниот Саем за вино „Винитали“ во Верона за трите земји од „Отворен Балкан“? Што добивме со заедничкиот штанд?
-На меѓународниот саем “Винитали” Отворен Балкан втор пат се претставува како уникатен вински регион, овој пат заедно со најдобрите светски производители на вино. Промоцијата на македонските, српските и албанските вина значи нови можности за извоз, поголем интерес за нашите производи, што води до повеќе и поквалитетно производство во нашите винарии и секако до повисоки цени при откупот на грозјето.
Ние се претставивме со 60 различни видови вина од 14 македонски винарии, во конкуренција на 4500 изложувачи од 40 земји од светот.
Македонските вина преку овој саем станаа достапни за 25.000 откупувачи, дистрибутери и увозници од 139 земји.
Винските патишта на нашите држави стануваат светска атракција. Отворен Балкан со организацијата и учеството на вакви настани обезбедува значен и суштински придонес кон создавањето единствен пазар меѓу земјите од Западен Балкан.
Од кога може да се очекува да се спроведе проектот за отстранување на работните дозволи меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија?
-Техничката подготовка за активирање на мерката преку системите за е-услуги на трите држави е со највисок интензитет и во финална фаза.
Работните групи составени од релевантните институции изминатата недела имаа работен состанок на оперативно ниво во Белград и ги направија првите софтверски тестирања кои поминаа успешно.
Проектот е комплексен бидејќи станува збор за отворање и вмрежување на трите пазари на труд од земјите од Отворен Балкан, што подразбира повеќеслојни процедури за издавање ОБ идентификациски број по електронски пат на лицето заинтересирано да работи во некоја од трите држави, негов непречен пристап до можностите за работа, обезбедување проверки од страна на министерствата за внатрешни работи, престој од две години и заштита на личните податоци.
Со завршувањето на сите тестирања во секоја од земјите, ова лето мерката ќе стане активна и достапна за заинтересираните граѓани. Ќе следува и јавна комуникација за информирање на граѓаните за начините на користење на оваа е-услуга.
Како ги коментирате изјавите на новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ во однос на иницијативата „Отворен Балкан“? Дали ова е нов импулс за иницијативата која би довела до приклучување на други земји од регионот?
-Ваквите политички текови во Црна Гора обезбедуваат таа држава да има и премиер и претседател кои се силни поддржувачи на приклучувањето кон Отворен Балкан. Радува тој факт и ако се има предвид дека тамошната стопанска комора исто така е силен поддржувач на ваквиот начин на регионална соработка, очекувам позитивен развој на настаните.
Граѓаните на Црна Гора, исто како и нашите граѓани и сите граѓани од Западен Балкан заслужуваат да ги добијат придобивките од економските слободи и соработки кои ги обезбедува нашата иницијатива. Повеќе од добредојдени се и Црна Гора, и Косово, и БиХ.
Дали очекувате попуштање на Косово иако косовскиот премиер Албин Курти се уште има тврда позиција кон иницијативата и не сака неговата земја во моментов да се приклучи?
-Во овој момент најважно е да се даде поддршка на реализацијата на договорените активности меѓу Косово и Србија од пред неколку недели во Охрид. Успешната реализација на охридскиот договор за Косово ќе донесе мир и просперитет, а тоа ќе води кон поголема регионална соработка на Косово и Србија со сите свои соседи – во такви услови, нема да постојат причини косовските граѓани да бидат лишени од придобивките на Отворен Балкан.
Иако Босна и Херцеговина не е дел од приказната за „Отворен Балкан“, во Република Српска се одржува конференција која ќе се занимава токму со оваа тема. Во медиумите на БиХ кружи дека Република Српска е отворена за влегување во иницијативата, но Сараево се спротивставува. Како ја коментирате ситуацијата во БиХ во однос на ова? Дали „Отворен Балкан“ може да го „заобиколи“ Сараево преку Бања Лука?
-Отворен Балкан има политика на постојано отворени врати за трите земји од Западен Балкан, но и за други земји членки на ЕУ од регионот. Отворен Балкан е создаден заради граѓаните, а не заради политичарите. Колку порано сите политичари разберат дека оваа иницијатива овозможува институциите да соработуваат и да испорачаат дела за добробитот на народите, толку поскоро Балканот ќе го видиме целосно интегриран во Европската Унија.
Н.П.