Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Граѓаните препуштени сами на себе, решение за редовен јавен превоз нема

Градскиот јавен превоз во Скопје останува во сериозна криза. Со долг од 1,5 милиони евра кон приватните превозници, ЈСП не може да ја исполни обврската од 69 денари по километар, што ја прави и идејата за зголемување на тарифата за превоз нереална. Додека Скопје чека значителни промени, ниту шесте нови автобуси, ниту исполнувањето на барањата на приватните превозници нема да ги решат актуелните проблеми.

Состојбата на јавниот превоз е далеку од ветената во предизборната кампања на градоначалничката Данела Арсовска, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ – нема нови еколошки автобуси, бесплатен превоз, ниту реална можност тие проекти да бидат реализирани наскоро.

Алтернативи за превоз нема, а градските автобуси се стари, често откажуваат и не се придржуваат до возниот ред, што предизвикува дневни нервози кај граѓаните, кои не можат навреме да стигнат на работа или на училиште.

Од друга страна, приватните превозници повеќе од шест месеци не возат редовно, а нивните автобуси, кои се надвор од сите стандарди за јавен превоз, сообраќаат само попладне, додека не се реши нивното барање за повисока тарифа. Според нив, ако Советот на Град Скопје ја прифати новата тарифа, приватниците ветуваат дека ќе воведат еколошки и климатизирани автобуси.

Конфликтот меѓу ЈСП, градските власти и централната власт продолжува, а секоја страна ја префрла вината на другата. Град Скопје ја обвини власта во Советот дека ја блокира иницијативата за нови автобуси и предизвикува проблеми за граѓаните, а ревизијата на ЈСП потврди сериозни финансиски проблеми и големи долгови.

Иако минатата година беа склучени нови договори со приватните превозници, граѓаните не забележаа значителни подобрувања. Наместо најавените модерни автобуси на одредени линии, превозот остана во влошена состојба. И додека кризата трае, скопјани секојдневно чекаат во пренатрупани автобуси, со слаба надеж за скоро решение.

Без нови инвестиции и трајни решенија, скопскиот превоз останува маѓепсан круг, од кој за сега нема излез, а граѓаните продолжуваат да трпат во недостиг на квалитетна и сигурна услуга.

Зачлени се на нашиот е-билтен