За заемот од 500 милиони евра од Унгарија, државата ќе мора да плати 240 милиони евра камата на унгарската Експорт-импорт банка во текот на 15 години, а компаниите што ќе користат 250 милиони евра од овој заем ќе плаќаат дополнителни 120 милиони евра камати на банките што ги пласираат средствата. Даночниот експерт Павле Гацов за ТВ21 изјави дека кредитот е финансиски неисплатлив под овие услови.
„Стапката од 3,25 проценти е само привид. Компаниите плаќаат 3,25, но ефективната каматна стапка, според меѓународните стандарди, е всушност 6,5 проценти. Значи, овој кредит нема да се памети по ниска каматна стапка, туку по реалниот износ од 6,5 проценти,“ изјави Гацов за ТВ21.
Гацов додава дека годишно каматата што државата ќе ја враќа на Унгарија ќе изнесува околу 16 милиони евра, што за 15 години ќе достигне 240 милиони евра.
„Овие 240 милиони евра ќе се враќаат од буџетот, а со оглед на тоа што дел од кредитот ќе оди и кон општините, кои имаат ограничени буџети, враќањето ќе биде дополнителен товар. Дополнително, македонските компании ќе плаќаат уште 120 милиони евра камати на домашните банки за заемот од 250 милиони евра,“ изјави Гацов, подвлекувајќи дека е нефер каматата кон унгарската банка да се покрива преку државниот буџет, кој го полнат граѓаните.