Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Наместо да се крати администрацијата, ќе се доквалификува

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да укине над 130 државни институции за да го исполни ветувањето за реформа на јавниот сектор, а тоа значи да отпушти околу 16 илјади вработени или да ги префрли во приватниот сектор. Најавена е и реорганизација на министерствата, но правни експерти сметаат дека тоа ќе зависи од апетитите на коалиционите партнери во идната влада.

Иако партиите пред секои избори ветуваат реформа на јавниот сектор, досегашната пракса покажува кога се на власт се случува спротивното – повеќе партиски вработувања во државните институции, слаба ефикасност, нетранспарентност и корупција.

Според најавите на министерот за јавна администрација Горан Минчев со Академија ќе се доквалификуваат администравци наместо да се крати на администрацијата, а законите за реформа ќе се предложат во најбрз можен рок до Владата и до Собранието.

Откако синдикатите побараа и нова методологија за пресметување на платите според просечната плата, Минчев вели дека ќе се бара решение со кое сите страни треба да бидат задоволни.

-Меѓувреме, огласите за вработување продолжуваат да се спроведуваат само врз база на знаење, додека нема законско решение за правична застапеност, додава министерот.

Реформа на јавниот сектор најави и ВМРО-ДПМНЕ – партијата која освои најмногу мандати на парламентарните избори на 8 мај. Нејзиното ветување е дека ќе ја зголеми ефикасност на јавната управа преку намалување на бројот на јавни институции за 10 проценти и реорганизација на министерствата.

Во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институции, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката доаѓа до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.

Намалување на 10 проценти на јавниот сектор, како што ветува ВМРО-ДПМНЕ, во пракса треба да значи укинување на 137 институции и околу 16.000 вработени.

Освен намалување на бројот на јавни институции, ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ја зголемува функционалноста на работењето на државните институции преку реорганизација на постојните министерства, а исто така планира и укинување на позицијата заменик директор и намалување на управните и надзорни одбори.

Зачлени се на нашиот е-билтен