Вредни археолошки предмет, стари речиси 2 илјади и петстотини години се пронајдени во охридско-струшкиот регион.
На прес-конференција, на која ексклузивно беа изложени некои од пронајдоците, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објасни дека станува збор за голем научноистражувачки успех, кој не само што фрла нови светла врз археолошката историја на нашата земја туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
„Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот Регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта личи на далеку попознатата требенишка некропола, која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се 80-ина наоди, од кои некои се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања, кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание и понатаму се значајни за нашето разбирање на историскиот контекст“, рече министерот Љутков.
Тој информира дека археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, што се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Сè почнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко, открива бронзен шлем, кој потоа го предава во Заводот и Музеј Охрид.
Министерот изрази голема благодарност за одговорниот пристап кон културното наследство и за несебичната помош и соработка.
„Зачувувањето на нашето културно наследство не е само наша обврска туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст туку и ја зацврстуваме нашата позиција како важен фактор на регионалната, балканската и на европската археолошка сцена“, рече Љутков.
Археологот Перо Арџанлиев, раководител на истражувањата, информира дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј – Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
„Во рамките на гробната целина откриени се бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со разни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и други, кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди се од особено значење за научниот и културниот аспект на истражувањата и тие ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени услови во овој регион“, рече Арџанлиев.
Инаку, во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди, што сугерира на активен живот на високоорганизирана социјална елита на овој простор во тоа време.
На прес-конференцијата, на која беа изложени ексклузивно некои од пронајдоците присуствуваа и директорите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ Археолошкиот музеј од Скопје и на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, Горан Патчев, Славица Бабамова и Цветлана Василевска, како и археологот Перо Арџанлиев, со дел од тимот археолози.