Честичките од загадениот воздух продираат длабоко, достигнувајќи и до неродените бебиња, алармираат лекарите. Утробата на мајката не може целосно да ги заштити фетусите од загадувањето, а бремените жени кои живеат во области со високо ниво на загаденост имаат значително поголема веројатност за предвремено породување. Покрај аерозагадувањето, возраста и други здравствени состојби, како преекламсија, играат улога во зголемувањето на ризикот.
Според податоците од Клиниката за гинекологија и акушерство, годишно се раѓаат околу 4.000 бебиња, од кои повеќе од 650 се предвремено родени. Примариус д-р Петковска истакнува дека иако повеќето од овие бебиња се развиваат нормално, колку порано е породувањето, толку е поголем ризикот од потенцијални развојни проблеми.
Со цел навремено откривање на факторите кои водат до предвремено породување, Клиниката од крајот на годината ќе започне бесплатна скрининг програма за дијагностика на преекламсија – состојба која е една од главните причини за рано породување.
Денес, на Светскиот ден за предвремено родени бебиња, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство ги истакна важноста на подигање на свеста за овие предизвици и напорите за подобрување на грижата за најмладите и најранливите пациенти.