„Како претседател на СДСМ, чувствувам должност да предупредам за сериозната опасност која ја носат последните одлуки на Владата на Мицкоски. Само пред еден ден, слушнавме големи зборови за деполитизација и департизација на институциите, а денес гледаме целосно спротивно – брутална партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Ова тело, кое треба да биде столб на независност и заштита на правата на граѓаните, сега се претвара во алатка за партиска контрола и злоупотреба.
Ваквата лицемерност на Владата е опасна за демократијата и ја враќа земјата назад во мрачните времиња на режимскиот систем, кога безбедносните структури беа под целосна партиска контрола, а правата на граѓаните беа системски кршени. Мицкоски не само што ги изневерува своите ветувања, туку и директно ги загрозува темелите на демократскиот поредок.
СДСМ нема да остане нем набљудувач. Ќе ја информираме меѓународната заедница за оваа скандалозна партизација и ќе преземеме се што е неопходно за да ги заштитиме граѓаните и институциите од оваа партиски брутален напад. Македонија заслужува независни и професионални тела, а не репродукција на режимски практики“.