Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Арсовска: Советниците вршат притисок врз службите

Советот на Град Скопје, денеска на итна седница по два и пол часа расправа донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот на Град Скопје во најкус можен рок, по можност во текот на денешниот ден до претседателот на Совет да достави измени и дополнувања на одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериумот остварен километар од 24 февруари 2017 година, со тоа што износите по цена на километар да ги зголеми за 30 денари соодветно, а поврзано со цената на горивото.

Во однос на оваа предлог-одлука, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, посочи дека е невозможно за толку кратко време да се направи пресметка во секторите. Таа посочи дека нема да понесе одговорност за одлука, како што рече, за која што смета дека е потребна многу подетална анализа за која што е потребно многу повеќе време.

„Она што го предлагате е малку паушално и никој тука во секторите и овие луѓе, кои што ја работат експертизата нема да се нафати паушално, во рамки на 30-тина минути, да нуди решенија за кои што утре ќе треба да носи одговорност. Доколку вие сметате дека математичкото пресметано решение по формулите го имате и таа е цената зад која стоите, дајте го предлогот на Советот и гласајте го сите тука. Ако не, направете Комисија, јас ќе ја прифатам, ќе номинираме лица од секторите да учествуваат, од ЈСП, од приватните превозници, има формули врз основ на кои се дошло на таа одлука. Значи, не можете паушално, ќе зголемиме толку, да некому наметнете тука за 30 минути да прави одлука. Имавме три месеци, втора е оваа иницијатива. Луѓето доаѓаа на состаноци, разговараа, нудеа решенија, требаше да се дискутира, не се дискутираше и сега во 30 минути сакате да извршите притисок врз службите да сите неопходни постапки ги завршат за да се понуди решение“, изјави Арсовска.

Гордан Шутаров, советник во Град Скопје од СДСМ, по седницата рече дека иницијативата поднесена од нив со заклучок да се започне транспарентна постапка била одбиена од мнозинството во Советот на Град Скопје и излегло со свој предлог цената да се зголеми за 30 денари.

„Кажавме дека не може тоа да се направи, од аспект на тоа дека се поминати законските рокови од 15 ноември, каде што може да се достави ребаланс на Буџетот на Град Скопје и на сите единици на локалната самоуправа и затоа ќе бидеме во неможност, доколку го изгласаме заклучокот, така, како што е дефиниран од претседателот на Советот, истиот да биде апликативен, односно да добие реализација од страна на службите, односно ЈСП“, изјави Шутаров.

Денешната итна седница на Советот на Град Скопје беше свикана откако вчера јавниот градски превоз повторно се најде во фокусот на јавноста поради најавата на приватните превозници дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците.

Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на редовната седницата на Советот на Град Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен