Повеќе од 1.000 граѓани денес се приклучија на протестниот марш за чист воздух, организиран од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ во Скопје. Под мотото „Чист воздух за сите“, маршот започна пред Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието, а заврши пред Владата.
Граѓаните маршираа под паролите: „Во Скопје живеат згради и коли, ние луѓето само се гушиме,“ „Кој десно, кој лево, сите се гушиме,“ „Воздух здравје и ништо помалку,“ „Буџетот е магично стапче за загадувањето,“ и „Уште ли за ова протестираме?“

Активистите побараа итни мерки за справување со загадувањето, кое, според нив, предизвикува сериозни здравствени последици. Според податоците, годишно во Македонија умираат околу 3.828 лица како резултат на изложеност на PM2.5 честички, што претставува 17.7% од вкупната смртност.