Значително поскапување на сметките за струја и гас во Германија

Домаќинствата во Германија ќе плаќаат во просек за осум проценти повисоки сметки за електрична енергија и природен гас од почетокот на следната година. Регионалните снабдувачи веќе најавија вкупно 329 корекции на цените за декември, јануари и февруари поради поскапите енергенси на големопродажниот пазар и зголемените мрежни надоместоци.

Поскапувањето на електричната енергија ќе опфати околу 3,7 милиони домаќинства кои сè уште користат основни тарифи кај локалните енергетски компании, покажуваат анализите на порталот за споредба на цени Веривокс. За трочлено семејство со годишна потрошувачка од 4.000 киловат-часови, просечниот раст на цената од осум проценти значи дополнителен годишен трошок од околу 128 евра.

Дополнителен финансиски товар ќе почувствуваат и околу 1,9 милиони домаќинства кои живеат во семејни куќи и се греат на гас. При годишна потрошувачка од околу 20.000 киловат-часови гас, нивните годишни сметки ќе се зголемат во просек за 370 евра. Корекции на цените за струја и гас веќе најавија големите снабдувачи како Ен-Бе-Ве, Е-Ве-Е, Рајненерџи, Маинова, Гасаг и Е-Он.

Големопродажните цени на природниот гас во Германија се речиси тројно зголемени од почетокот на 2026 година, по избувнувањето на војната во Иран во февруари. Енергетскиот аналитичар од Веривокс, Торстен Шторк, изјави дека по прекинот на испораките на руски гас, Германија сè повеќе зависи од увозот на течен природен гас, чија цена на светскиот пазар порасна поради воениот конфликт.

Покрај повисоките трошоци за набавка на енергенси на берзите, врз крајните сметки на граѓаните директно влијаат и повисоките надоместоци за користење на преносната и дистрибутивната мрежа. Потрошувачите допрва ќе ги почувствуваат овие зголемени влезни трошоци на енергијата и преку поскапување на другите производи и услуги на пазарот.

Според официјалните податоци на германската Сојузна агенција за мрежи, повеќе од една петтина од домаќинствата во земјата користат електрична енергија по регулирани основни тарифи, додека околу една шестина се снабдуваат со гас по истиот модел. На германскиот пазар работат околу 700 компании кои нудат основни тарифи за струја и приближно 800 снабдувачи со вакви тарифи за природен гас.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?