За студентите и младите со ограничен буџет, возот е една од подостапните можности за патување. Но, ниската цена не треба да значи откажување од сигурен превоз, пристојни услови и почитување на патниците.
„Дали е премногу да посакаме пристоен железнички превоз за младите, за пензионерите?“, ова е пораката во јавниот апел на Евгенија Здравевска, македонска вокалистка и музичарка попозната под уметничкото име Зарина Првасевда, која го отвора прашањето за условите во железничкиот превоз во земјава и за односот кон граѓаните што секојдневно зависат од него.
Нејзиниот повик го поставува проблемот од перспектива на луѓето за кои возот не е туристичко искуство или избор за повремено патување, туку практична потреба. За студентите што патуваат меѓу местото на живеење и факултетот, за младите што немаат сопствен автомобил и за пензионерите што располагаат со ограничени приходи, железничкиот превоз може да биде важна алтернатива на поскапите начини на патување.
Но, достапноста не се мери само според цената на билетот. За патникот, еднакво важни се редовноста на возовите, можноста да го испланира денот, условите и хигиената во незагреаните вагони и сигурноста дека ќе стигне до својата дестинација без непотребни неизвесности.
„Имаме пристапни цени на билетите, одлична идеја ʼБесплатен викенд за млади до 27 годиниʼ , но скришно сепак има дополнителен трошок за лекови после патување…“, напиша Здравевска.
Кога возниот ред не одговара на реалните потреби, кога дел од линиите не се во функција или кога патниците немаат доволно можности да го организираат враќањето, последиците се чувствуваат во секојдневието: дополнителни трошоци, изгубено време и зависност од други форми на превоз.
Поевтиниот билет не смее да значи пониски стандарди
За студентите, трошоците за превоз се дел од пошироките трошоци за образование. Патувањето до факултетот, присуството на предавања и испити, како и враќањето дома, зависат од тоа дали постои превоз на кој можат да се потпрат.
Кога железницата е достапна и функционална, таа може да го намали финансискиот товар врз младите и нивните семејства. Но, ако патувањето бара дополнително планирање поради ограничените термини или неизвесноста околу сообраќањето, евтиниот билет не секогаш значи и поевтино патување во целина.
За пензионерите, проблемот е сличен. Приходите често го ограничуваат изборот на превоз, а сигурната железничка врска може да биде важна за посета на лекар, семејството или за завршување секојдневни обврски.
Затоа барањето за пристоен железнички превоз не е привилегија на една категорија граѓани. Тоа е прашање на достапност на јавната услуга и на можноста луѓето да се движат независно од тоа дали можат да си дозволат автомобил или поскап билет.
Возниот ред на хартија и превозот во реалноста
Железничкиот превоз има и пошироко значење. Функционалната железница може да го намали сообраќајниот притисок на патиштата, да им понуди алтернатива на луѓето што немаат автомобил и да придонесе за порамномерна поврзаност на градовите. Но, за да ја исполни таа улога, потребни се редовни услуги, одржувана инфраструктура, исправни возови и навремено информирање на патниците.
Законот за железничкиот систем ја третира услугата на патничкиот железнички превоз како услуга од јавен интерес. Меѓу предвидените елементи се безбеден и сигурен превоз од почетната до крајната дестинација, почитување на важечкиот возен ред, одржување хигиена во возовите и обезбедување информации за патниците.
Тоа значи дека очекувањето за пристоен превоз не е само прашање на личен комфор. Редовноста, чистотата, безбедноста и информирањето се дел од стандардите што треба да ги исполнува јавната услуга.
Но, колку железницата навистина им служи на граѓаните и дали потребите на патниците се во центарот на планирањето на железничкиот сообраќај?

