Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски не присуствуваше на промоцијата на едношалтерскиот систем „One stop shop“ на Ќафасан на 22 ноември. На граничниот премин, премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама го претставија заедничкиот пункт како начин да се скрати чекањето на границата и да се олесни превозот на стоки меѓу двете земји. Мицкоски го нарече Рама „драг пријател“ и најави подобро поврзување и на другите гранични премини. Причината за отсуството на Николоски останува нејасна.
Николоски со години е меѓу најострите критичари на Рама во ВМРО-ДПМНЕ. Во 2019 година, како потпретседател на тогаш опозициската партија, тврдеше дека одлуката Македонија и Албанија да одат во ист пакет за почеток на преговорите со ЕУ ја влече Македонија назад. Односот на тогашниот премиер Зоран Заев кон Рама го нарече „коленичење“. Во авторска колумна од јули истата година го обвини Заев дека од Рама учи како да мести тендери и да води бизнис со марихуана. Во истата колумна предвиде дека на Рама му остануваат уште неколку месеци на власт. Седум години подоцна, Рама дојде на Ќафасан како премиер на Албанија.
Во септември 2024 година, веќе како вицепремиер, Николоски во интервју за Канал 5 тврдеше дека Албанија „никогаш нема да стане членка на ЕУ“. Тогаш прогнозата ја образложи со ставовите во самата Унија. Во октомври истата година ЕУ го отвори првиот преговарачки кластер со Албанија, до ноември 2025 година беа отворени сите шест, а до ноември 2026 година земјата привремено ги затвори првите четири преговарачки поглавја.
Последната остра реакција кон Рама дојде од собраниската говорница на 26 март годинава. Одговарајќи на пратеничко прашање за цените на становите, Николоски ја обвини Левица дека е гласна за градењето во Охрид и премолчува што се гради на албанскиот брег, во Поградец. Во истиот настап ја поврза партијата на Рама со политичкото наследство на Енвер Хоџа и изнесе обвинувања за притворот на поранешниот албански претседател Илир Мета. Следниот ден реагираше албанската амбасада во Скопје, со порака дека трети земји не треба да се вовлекуваат во домашните политички дебати.
Така, во рок од осум месеци, двајца високи функционери од истата влада испратија различни пораки кон Тирана. Настапот на Александар Николоски во Собранието предизвика дипломатска реакција, а Мицкоски на Ќафасан ја стави во прв план практичната соработка со владата на Рама, со најава дека таа ќе се прошири и на други премини. Токму на таа промоција отсуствуваше министерот за транспорт.

