Берлинска декларација: Европа ќе обезбеди безбедносни гаранции за Украина

Европските држави ќе обезбедат одржливи безбедносни гаранции за Украина, доколку по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа дојде до разговори за прекин на огнот.

Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Италија, Шпанија и Велика Британија, како и шефицата на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас во Берлинската декларација се заложија за продолжување на европската поддршка за Киев.

„Ние сме посветени на обезбедување цврсти безбедносни гаранции за Украина, вклучително и сигурна долгорочна воена и финансиска помош“, се вели во декларацијата.

Состанокот беше организиран од германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, а групата разговараше за  за чекорите за зајакнување на Украина пред можното повлекување на воената помош од Трамп за Киев, откако тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари и ќе ги почне преговорите за примирје со Русија.

„Убедени дека мирот во Украина и безбедноста во Европа се неразделни, ние сме решително обединети со нашите европски и трансатлантски партнери темелно да ги разгледаме и да дејствуваме по европските безбедносни прашања“, се наведува во декларацијата.

Пред состанокот, Бербок рече дека присутните на средбата се едногласни.

„На Украина ѝ требаат силни безбедносни гаранции. Гаранциите ќе испратат јасна порака до Киев. Ние се залагаме за безбедноста и иднината на нашиот европски континент“ истакна таа.

Калас рече дека треба да се направи повеќе за да се зајакне одбраната на Укрина против Русија.

„Мораме да направиме повеќе за да ја зајакнеме Украина на бојното поле. Колку се посилни на бојното поле, толку посилни ќе бидат во преговорите. И, се разбира, останува на Украина да каже кога е подготвена да седне на која било преговарачка маса“ изјави Калас.

Зачлени се на нашиот е-билтен