Овој проект првично бил наменет за руски војници кои не сакале да војуваат, а наводно преку него оружјето го положиле 350 војници.
Војската на Украина води психолошка војна против севернокорејските војници кои се борат против руските сили. Тие се обидуваат да ги убедат да се предадат пред непотребно да ги загубат животите на бојното поле, пишува Newsweek. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека овие севернокорејски војници ќе бидат „топовско месо“.
Како дел од проектот „Сакам да живеам“, украинската армија произведе летоци и видеа за да ги охрабри севернокорејските војници да се предадат.
Овој проект првично бил наменет за руски војници кои не сакале да војуваат, а наводно преку него оружјето го положиле околу 350 војници на Путин. Новите летоци сега се напишани на корејски и испечатени со илустрации и дистрибуирани по линијата на фронтот. На нив има упатства за севернокорејските војници како да се предадат: треба да легнат со лицето надолу на земја, да кренат бел чаршаф или леток и да го фрлат оружјето. На снимките на украинската армија на севернокорејските војници кои сакаат да се предадат им се кажува дека ќе им биде обезбедено засолниште и храна.
Волонтерот Виталиј Матвиенко, вели дека многумина од севернокорејските трупи го гледале ова воено распоредување како можност да избегаат од режимот на Ким Џонг Ун и можноста да живеат во друга земја.
Да потсетиме, Северна Кореја, сојузник на Русија, распореди 12.000 војници во областа Курск. Адмирал Самуел Папаро, командант на американската Индо-пацифичка команда, изјави дека во замена за воената помош на Пјонгјанг, Русија ќе и испорача борбени авиони на Северна Кореја.

