Косово во дијалогот со Србија ќе инсистира на реципроцитет и еднакви услови за двете страни, е ставот на владејачкото движење Самоопределување пред парламентарните избори во Косово на 9 февруари, а може да се заклучи од досега кажаното од оваа партија на јавните настапи и во неколку клучни точки од програмата за дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Секој договор мора да се заснова на еднаков третман и меѓусебно почитување, е дел од програмата на Самоопределување што ја води премиерот Аљбин Курти.
Курти инсистира на тоа дека взаемното признавање е главниот елемент на секој можен договор со Србија, што, како што наведе, „е единствениот начин да се гарантира целосна нормализација на односите меѓу двете земји“.
И за време на оваа кампања, Самоопределување е многу критичен кон досегашниот тек на дијалогот, а пред нивното доаѓање на власт, оценувајќи ги како еднострани и без конкретни резултати во корист на Косово.Партијата тврди дека претходно постигнатите договори му донеле минимална корист на Косово и не ги решиле суштинските прашања.
Оттаму ја нагласуваат потребата од блиска соработка со меѓународните партнери, особено со ЕУ и САД, за време на дијалогот, но и инсистираат на тоа дека Косово има силен и независен глас во тој процес.
Курти изјави дека Србија мора да покаже подготвеност да го промени својот пристап кон Косово, вклучително и да ја прекине кампањата за негирање на државноста на Косово.