Во последно време, во Македонија се соочуваме со сериозен недостаток на лекови, а граѓаните се навиканаа да купуваат од Грција, Бугарија, Косово каде како што велат се продаваат истите лекови по пониски цени. Особено е сериозна ситуацијата со лековите за мигрена, силна главоболка која спаѓа во хронични и широко распространети болести. Иако имаше порширување на листата на лекови, ниту еден препарат за оваа болка не влезе на товар на фондот. Од Министерството за здравство информираат дека лекот Зопринеа, кој се користи за третман на мигрена, веќе неколку месеци не е достапен на пазарот. Наместо него, на располагање е заменскиот српски лек Трекат, кој чини 275 денари за три таблети од 2,5 милиграми.
Соња ТАНЕСКА
-Прво овој лек воопшто не е ефикасен бидејќи не ги користити истите супстанци во производство како тие во Европската унија, токму затоа лекот од Словенија е поквалитетен. Но и овој српскиот е речиси пред истек на рок, поточно во една аптека го најдов и беше со рок до јули, а во 10 други во кои прашав воопшто и го нема, вели за Рацин.мк пациентка која ја затекнавме во една од скопските аптеки.
За споредба, лекот Зопринеа на „Лек Љубљана“ чинеше 350 денари за три таблети од 5 милиграми, додека истиот лек со активната супстанца Золмитриптан во Брисел чини само 19 евра за 12 таблети и има многу подостапна цена отколку во земјава.
Во аптеките може да се најде и прилично ефикасен лек на производителот Фајзер, но цената на овој лек е 3500 денари за 8 таблети. Истиот за споредба во Србија оди на позитивна листа.
Од Министерството за здравство, во одговор за Рацин.мк велат дека по остварена комуникација со носителот на одобрението за лекот Зопринеа на Лек Љубљана, информираат дека причината за овој недостаток е промена во производниот процес на лекот, што бара ново одобрување од регулаторните тела во земјите на Европската унија и Македонија.
-Заради овие промени, лекот Зопринеа привремено нема да биде достапен во продажба во Македонија. Како алтернатива, пациентите ќе можат да се снабдат со генерички лекови кои ја содржат истата активна супстанција, Золмитриптан, и кои се достапни од други производители, истакнуваат од Министерството.
Дополнително, од Министерството за здравство се информираат и за проблемот со лекот Кетонал супозитории, кој исто така покрај за болка се користи и за надминување на силните мигренозни главоболки дека повеќе ненможе да се најде во нашите аптеки бидејќи производителот ја известил Агенцијата за лекови за траен прекин на снабдувањето со овој лек во Македонија.
„Лекот со истата активна супстанција, кетопрофен, ќе остане достапен во други форми, како таблети, инјекции и локални препарати“, додаваат од Министерството.
Останува нејасно зошто овој лек повеќче нема да се продава на македонскиот пазар, а достапен е во Косово.
Оваа ситуација го подигнува прашањето за обезбедувањето на лекови и за обезбедување на избор за пациентите кои се соочуваат со хронични заболувања и кои секојдневно се потпираат на лековите за нивната здравствена состојба.
Што е мигрена?
Мигрената e примарна главоболка која се јавува во напади кои траат од 4 до 72 часа, со различна фреквенција – од неколку во текот на животот до неколку во текот на неделата или месецот. Најчесто се јавува на возраст од 22 до 55 години, и тоа почесто кај жените. Се проценува дека од мигрена страдаат 16% од населението. Мигрената е фамилијарно заболување и се смета дека 70% од болните имаат фамилијарна предиспозиција.
Преципитирачки или тригер-фактори се причина за започнување на нападот кај мигрената. Тука спаѓаат хормоналните фактори (при што кај жените нападот е поврзан со менструален циклус или земање контрацептиви), стрес, депресија, метеоролошки фактори (временски услови), диета, проблеми со спиење, интензивна физичка активност или замор. Консумирањето одредени видови храна, како чоколадо, старо сирење, црвено вино, соја, портокали, јаткасти плодови исто така може да провоцира напад на мигрена.
Најчестата поделба на мигрената е мигрена без аура или обична мигрена и мигрена со аура или класична мигрена.
Речиси 80% од сите мигрени се без аура. Најчесто нападите се провоцирани од наброените преципитирачки фактори. Главоболката обично почнува при утринското будење и се засилува во интервали од неколку часа, а понекогаш главоболката може да ве разбуди од спиење. Најчесто е едноставна, проследена со гадење, повраќање, чувствителност на светлина и звуци.
Кај мигрената со аура или класичната мигрена се разликуваат 4 фази – продромална, аурa, мигренозна атака и постдромална фаза.
Продромалната фаза се јавува ден или два дена пред мигрената, при што болните може да забележат суптилни промени кои предупредуваат за претстојната мигрена, вклучувајќи промени на расположението од депресија до еуфорија, желба за храна, вкочанетост на вратот, зголемена жед, често мокрење, запек или често проѕевање.
Аурата е претставена со реверзибилни симптоми на нервниот систем. Тие обично се визуелни, но исто така може да вклучуваат и други нарушувања. Од визуелни феномени, може да бидат гледање различни форми, светли точки или блесоци на светлина, светла во вид на концентрични кругови, губење на видот. Од другите нарушувања на нервниот систем може да бидат сензации „иглички“ во раката или ногата, слабост или вкочанетост во лицето или на едната страна од телото, тешкотии во зборувањето, слушање звуци или музика, неконтролирано грчење или други движења. Секој симптом обично започнува постепено, се акумулира во текот на неколку минути и трае од 20 минути до еден час.
Мигренозниот напад или атака е унилатерална, еднострана пулсирачка главоболка, ретко билатерална, која ако не се лекува, трае до 72 часа. За време на мигрена, може да има чувствителност на светлина, звук, а понекогаш и мирис и допир, гадење и повраќање.
Постдромална фаза се јавува по нападот на мигрена. Болниот е изморен, истоштен и поспан. Черепот на страната на главоболката е сѐ уште чувствителен, при што ненадејното движење на главата може повторно накратко да предизвика болка.
Дијагнозата на мигрена се базира на анамнестичките податоци од пациентот и нормалниот невролошки наод помеѓу атаките. Кај возрасните пациенти со типична мигрена, дополнителни неврорадиолошки испитувања не се оправдани ако невролошкиот статус е нормален. Мигрените често не се дијагностицираат и не се лекуваат. Лицата многу често не бараат лекарска помош и самостојно се лекуваат. Лицата што боледуваат од мигрена најчесто се амбициозни, педантни, пречувствителни, перфекционисти, наклонети кон депресија. Не е јасно дали карактерот на тие личности се формира во текот на развитокот на мигрената или тоа е генетска основа, со таква психолошка конституција на личноста.
Лекувањето кај мигрена подразбира третман на мигренозната атака и превентивна терапија.
При мигренозната атака најпрво се препорачува одмор во тивка, темна просторија. За полесна мигрена се препорачуваат нестероидни антиинфламаторни лекови заедно со лекови против повраќање. Додека кај жестоките и онеспособувачките атаки на мигрена лекови на избор се триптаните како Zolmitriptan, Sumatriptan. Превентивната терапија подразбира oдржување стабилен ритам сон-будност, редовно земање храна, одбегнување преципитирачки фактори, избегнување стресни ситуации, редовно вежбање, психотерапија. Постојат и лекови за превенција на нападите. Тука спаѓаат бета-блокатори, антидепресиви, калциум антагонисти, антиепилептици. Во некои случаи треба да се комбинираат неколку различни лекови за превенција со цел да се постигне посакуваниот ефект. Состојбата на пациент кој е на превентивни лекови би требало да се мониторира со водење дневник за главоболките. Пристапот е индивидуален. Понекогаш, неколку месеци се доволни, а понекогаш лековите се потребни со години.