Во пресрет на парламентарните избори во Албанија, се разгорува битката меѓу партиите на Македонците во Пустец

„Локалната власт во Општина Пустец, со поддршка на владата на Еди Рама, спроведува сериозни изборни нерегуларности, објави претседателот на огранокот на Партијата на Слободата за општина Пустец и познатиот македонски активист, Панди Јани. Тој тврди дека владејачката структура спроведува масовен притисок врз административните работници и жителите на општината, користејќи закани и уцени со цел манипулација на претстојните избори.

„Имаме цврсти докази дека се врши незаконско собирање на личните карти од дијаспората, со што се создава опасен механизам за изборен инженеринг и директно загрозување на интегритетот на изборниот процес. Бараме итна кривична и морална одговорност за овие постапки. Апелираме до сите граѓани на Пустец и целата албанска јавност да не потклекнуваат на овие уцени и закани, туку да дадат отпор на владејачката диктатура“, се нагласува во објавата.

Партијата на Слободата за општина Пустец ги повика меѓународната заедница, независните институции и граѓанскиот сектор да реагираат против ваквиот организиран изборен криминал.

„Ќе продолжиме да ја информираме јавноста и да се бориме за вистинска демократија во Пустец и во цела Албанија. Доста е од диктатурата – време е за слободен избор“, порачува Јани.

Градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски ги отфрли ваквите обвинувања.

„Нема ни трошка вистина. Тоа се само шпекулации и ги сметам за тенденциозни. Парламентарните избори се на 11 мај и на вакво нешто не сме ни помислиле а не да го направиме“,  рече кусо Колефски за МИА.

Колефски за градоначалник беше избран како кандидат на Социјалистичката партија, поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ. 

Албанскиот претседател Бајрам Бегај на 5 декември, минатата година потпиша уредба со која 11-те парламентарните избори ќе се одржат на 11 мај 2025 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен