Жителите на охридската населба Далјан изразуваат големо незадоволство од долгогодишната негрижа на власта, тврдејќи дека нивната населба е оставена да пропаѓа без никакви инвестиции, а најмногу се оштетени децата бидејќи немаат спортска сала ниту соодветно детско игралиште.
Иако Далјан е на одлична локација покрај Охридското Езеро, граѓаните реагираат дека основните услови за живот се влошуваат, особено за најмладите.
-Подрачното училиште „Св. Климент Охридски“, кое се наоѓа во населбата, нема спортска сала, а игралиштето кое учениците го користат за часови по физичко воспитание е небезбедно, бидејќи преку него постојано поминуваат возила и кампери, велат тие.
Дополнителен проблем според нив претставуваат руинираните објекти во близина на училиштето, како поранешниот Хотел Магнус – феријално одморалиште Младост. Според жителите, овие запуштени објекти се претворени во собиралишта за зависници и бездомници, особено во летниот период, а околината е полна со отпад.
-Децата неодамна имаа лулашки, но беа отстранети со објаснување дека таму ќе се градат нови згради. Сега ги нема ни нив, велат граѓаните, додавајќи дека младите семејства сè почесто се отселуваат во други делови на градот во потрага по подобри услови.
Жителите апелираат да се обезбеди најосновната инфраструктура – безбедно игралиште за децата, расчистување на запуштените објекти и решавање на проблемите со сообраќајот во близина на училиштето.
„Зарем е преголемо барање во 2025 година, секоја населба да има барем едно оградено и осветлено игралиште?“ прашуваат жителите, предупредувајќи дека доколку не се преземат мерки, ќе се соочиме со трагични последици.
Редакцијата на Рацин.мк испрати прашања до секоторот урбанизам на општина Охрид, какви се плановите за оваа населба и зошто не се решени проблемите на нејзините жители, но до објавувањето на овој текст не стигна никаков одговор.