Патникот и авантурист Роберт Дачешин, по посетата на Јапонија, сподели еден необичен аспект од начинот на живот во оваа земја – можноста да изнајмите луѓе буквално за сè што ќе посакате.
Како што објаснува Дачешин, во Јапонија можете да најмите некој да ви глуми партнер, родител, брат или сестра, па дури и баба или дедо.
Компанијата што прва започнала со овој бизнис се вика „Фемили роменс“ и во моментов има околу 300 вработени, на возраст од 1 до над 90 години.
– Причините за ова се различни. Најчесто луѓето изнајмуваат партнери поради самотија. Бидејќи јапонското општество е доста индивидуалистичко, а речиси 40 отсто од луѓето немаат сопружник, ова е еден од начините да се почувствуваат сакано. Сепак, изнајмувањето девојка не подразбира никаква интимност. Таа е тука само за друштво и за јавни настани – вели Дачешин.
Тој самиот изнајмил девојка за снимање видео и објаснува дека постоеле строги правила што морал да ги почитува – не смеел да ја води во затворени простории, ниту да помине со неа повеќе време од договореното.
– Најчесто ги изнајмуваат за свадби, прослави или деловни настани каде што се очекува да дојдат со придружба. Цената за оваа услуга е околу 50 евра на час, но постојат различни нивоа. Процесот на изнајмување е едноставен, влегувате во компанијата, земате каталог со профили, рејтинзи и карактеристики на луѓето и ја одбирате личноста што ви одговара – додава тој.
Освен партнери, често се изнајмуваат и членови на семејството. Ова најчесто се случува кога некој не е во добри односи со својата вистинска фамилија, но му треба некој што ќе ја глуми таа улога на одреден настан.
– Еден вработен во компанијата ни раскажа како држел говор на венчавки и погреби како „татко“ на деца што никогаш не ги видел, за што, нормално, бил платен. Имало и случаи каде што луѓе глумеле татковци при породување или имале неколку „деца“ низ целата земја кои мислеле дека тој навистина им е родител – открива Дачешин.
Иако на многумина ова им звучи чудно, па дури и бизарно, Дачешин вели дека во Јапонија навистина можете да изнајмите сè што ќе замислите.
Извор: Klix.ba