Вчера на повеќе места во САД избија протести против администрацијата на Доналд Трамп, еден ден откако актуелниот американски претседател и потпретседател Џеј-Ди Венс влегоа во жестока вербална пресметка со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба.
Стотици демонстранти се собраа во Вејтсфилд, Вермонт, каде Џ.Д. Венс отиде на скијање со своето семејство. Иако протестот беше планиран на почетокот на неделата, организаторите рекоа дека голем број луѓе решиле да дојдат откако го виделе појавувањето на Трамп и Венс во Белата куќа.
Насобраните носеа транспаренти со пораки „Вермонт стои со Украина“ и „Меѓународен срам“, а многумина вееја украински знамиња. Телевизијата Фокс емитуваше снимки од протестите, но на нив имаше заматени постери со пораки против Венс и поддршка за Украина.
„Тоа што го направи вчера… ја премина границата“, изјави демонстрантот Кори Жиру за јавното радио на Вермонт.
🚨 BREAKING. Fox News is reporting that protesters have disrupted JD Vance's planned vacation in Vermont following yesterday's fiasco. FAFO! pic.twitter.com/u0YlWJRd6k
— Ron Smith (@Ronxyz00) March 1, 2025
Гувернерот на Вермонт, Фил Скот, републиканец кој не го поддржа Трамп во ниту една од неговите три претседателски кандидатури, ги повика граѓаните да бидат фер кон потпретседателот и неговото семејство пред доаѓањето на Венс.
„Ве молам да им посакате добредојде во Вермонт и се надевам дека ќе имаат можност да го искусат она што ја прави нашата држава и нашиот народ посебни“, рече Скот.
Би-Би-Си јави дека Џеј Ди Венс се повлекол на непозната локација
Додека Венс се повлекуваше на непозната локација за да ги избегне демонстрантите, некои демонстранти го истакнаа контрастот со Зеленски, кој, и покрај руската инвазија, остана во Киев во текот на три години од војната.
Конфликтот во Овалната соба дополнително ги зголеми тензиите. Трамп му рече на Зеленски да се договори со Русија или тие ќе си заминат и го обвини дека не покажува доволно благодарност за американската воена и политичка помош, предупредувајќи го дека „се коцка со Третата светска војна“.
Зеленски одговори дека повеќепати им се заблагодарил на американскиот народ и нивните лидери за поддршката, но дека Украинците не сакаат да прифатат прекин на огнот без безбедносни гаранции, имајќи предвид дека рускиот претседател Владимир Путин постојано ги прекршил претходно договорените примирја.
Конфликтот во Белата куќа потсетуваше на историскиот аргумент од декември 2018 година, кога Трамп влезе во јавна дебата со лидерите на Демократската партија Ненси Пелоси и Чак Шумер пред камерите во Овалната соба околу финансирањето на ѕидот на границата со Мексико. Таа бурна сцена се сметаше за еден од најнеобичните моменти во модерната историја на американската политика, а сега имаше свое продолжение во уште понапнат меѓународен контекст.
По пресметката во Белата куќа, бројни европски лидери и премиери на Канада, Австралија и Нов Зеланд изразија поддршка за Украина.