Кремљ се закани: Времето за украинските сили во областа Курск истекува

Истекува времето за украинските сили кои се борат во руската област Курск, изјави во саботата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесуваат агенциите.

Понудата да се поштедат животите на украинските војници се уште е на маса, изјави Песков за руската државна новинска агенција ТАСС, но таа нема да трае вечно.

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од својот руски колега Владимир Путин да ги поштеди животите на украинските војници за кои се верува дека се опколени во Курск.

Путин, кој нареди инвазија на Украина во февруари 2022 година, се согласи да ги поштеди животите на Украинците од „хуманитарни причини“, но побара раководството во Киев да им нареди на своите војници во регионот Курск да го положат оружјето и да се предадат.

Руското Министерство за одбрана во саботата објави дека руските сили ја вратиле контролата врз селата Рубаншчина и Заолешенко во областа Курск, пренесува Ројтерс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски индиректно призна дека војската ќе мора да се повлече од областа.

„Ситуацијата е многу тешка. Можам само да им се заблагодарам на нашите борци за оваа операција, која ја исполни својата задача“, им рече Зеленски на новинарите.

Украина донесе војна на руска територија со ненадеен напад во август минатата година.

Првичното оправдување за потегот беше можноста за размена на дел од областа за окупирани украински територии во случај на преговори со Русија.

Русија ги засили напорите да ја истера украинската армија од Курск, која зазеде околу 100 тамошни населби.

Зачлени се на нашиот е-билтен