Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, објави дека поднесува неотповиклива оставка, повикувајќи на целосна истрага за трагедијата во дискотеката што го зави градот во црно.
„Оваа загуба е ненадоместлива. Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме. Тие деца беа наши деца, ги познавав и нив и нивните семејства. Шокот и скршеноста ќе останат со мене засекогаш,“ напиша Папазов на Фејсбук.
Тој бара надлежните институции да ја утврдат одговорноста на сите инволвирани, нагласувајќи дека непостапувањето исто така претставува одговорност.
„Иако како градоначалник немав директни надлежности во овој случај, се ставам целосно на располагање на институциите. Ако има основ за моја одговорност, го повикувам обвинителството да го испита тоа,“ додаде Папазов.
Со оставката, вели тој, сака да испрати порака дека мора да се стави крај на нефункционалниот систем и да се покаже доблест во тешки моменти.