На собирот пред платото на УКИМ, каде илјадници студенти се собраа да оддадат почит за жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочевме на злоупотреба на овој момент од страна на институциите, реагираат од „Студентски отпор“.
Наместо најавениот 7-минутен молк, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование, Весна Јаневска, решија да одржат говори – и покрај јасните барања на студентите да не се користи оваа трагедија за политичка самопромоција.
Во моментот кога тие ги читаа своите подготвени изјави, неколку студенти се почувствуваа лошо и побараа итна помош, но институционалните претставници го игнорираа тоа и продолжија со своите говори.
Студентите ова го оценија како недостоинствено и неприфатливо. „Студентски отпор“ го осудува ваквото однесување и бара идни комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политички манипулации.