Мерц: Веќе не разговараме за „Таурус“ за Украина

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека во рамките на владејачката коалиција повеќе не се води дискусија за можноста за испраќање на крстосувачките ракети „Таурус“ во Украина. Во гостување во доцновечерната програма на германската телевизија ZDF, Мерц истакна дека прашањето моментално „не е на дневен ред“.

„Веќе не дискутираме за таа тема во коалицијата“, изјави Мерц.

Тој додаде дека темата за испраќањето на „Таурус“ била пренагласена, како да се работи за оружје блиску до нуклеарниот праг, што – според него – не е точно. Со ова, Мерц значително ја ублажи реториката во споредба со периодот кога, како лидер на опозицијата, силно ја поддржуваше испораката на „Таурус“, често спротивставувајќи се на тогашниот канцелар Олаф Шолц.

Тој посочи дека Велика Британија и Франција веќе испорачуваат крстосувачки ракети на Украина, што – според него – засега е доволно, иако некои воени аналитичари и понатаму сметаат дека „Таурус“ би имал значајна улога во украинските воени напори.

Мерц ги критикуваше своите претходници за тоа што го отворија прашањето за „Таурус“ уште на почетокот на конфликтот, истакнувајќи дека чувствителната воена дебата е штетна, бидејќи, како што рече:
„Путин зборува одлично германски и треба само да ги гледа вечерните вести за да знае што планираат Германија и Европа.“

„Тоа е стратешка предност за него и стратешки недостаток за нас“, додаде Мерц.

Зачлени се на нашиот е-билтен