Првите разговори по три години меѓу украински и руски претставници во Истанбул за завршување на војната што ја почна Русија завршија по околу 90 минути, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Првично нема информации за резултати или специфична содржина, но со отсуството на рускиот претседател Владимир Путин, кој одби да присуствува на разговорите, очекувањата за значајни исходи веќе беа намалени, пренесе ДПА.
Од друга страна, Ројтерс јави дека разговорите во палатата во Истанбул траеја помалку од два часа, а немаше веднаш соопштение за тоа дали или кога страните би можеле повторно да се сретнат.
Русија изрази задоволство од разговорите и двете земји рекоа дека се согласиле да разменат 1.000 воени заробеници од секоја страна.
Но, Киев, кој сака Западот да воведе построги санкции доколку Москва не го прифати предлогот на Трамп за 30-дневен прекин на огнот, веднаш почна да ги собира своите сојузници за построга акција.
Штом завршија разговорите, претседателот Володимир Зеленски имаше телефонски разговор со Трамп и лидерите на Франција, Германија и Полска, изјави портпаролот на Зеленски.
Барањата на Русија беа „надвор од реалноста и одат многу подалеку од сè што беше претходно дискутирано“, изјави за Ројтерс извор од украинската делегација.
Изворот, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече дека Москва издала ултиматуми за Украина да се повлече од делови од својата територија со цел да се постигне прекин на огнот „и други непредвидливи и неконструктивни услови“.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека руската позиција е неприфатлива и дека европските лидери, Украина и САД „тесно ги усогласуваат“ своите одговори.
Зеленски рече дека треба да следат строги санкции доколку Русија отфрли прекин на огнот.
Очекувањата за голем пробив, кои веќе се ниски, беа дополнително нарушени во четврток кога Трамп, завршувајќи ја турнејата на Блискиот Исток, рече дека нема да има движење без средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.