Директорот на ТВ Алфа, Бојаџи со експлицитен говор на омраза и повик за линч на неистомислениците

„Ѕверови“, „крвници“, „човечки изроди“, „исфрустрирани ко***иња“, „ѓаволска сила“, „лажговци“, „умноболни“, „болно семе“ – е дел од вокабуларот со експлицитен говор на омразата што доаѓа од директорот на ТВ Алфа, инаку режисер и универзитетски професор, Јани Бојаџи, во колумната „Да не се лажеме, јас не простувам“, објавена во Нова Македонија на 29 април. Тој во својот текст повикува на одмазда и линч на политичките неистомисленици, изразувајќи ја желбата да ги види расплакани мајките, сестрите и жените на членовите на владејачката гарнитура во државата.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ издвои неколку делови од овој текст за кои посочува дека се експлицитен говор на омразата.

„Нема да простам, сакам да видам како лелекаат и проколнуваат до бес. Јас сакам да ги видам нивните мајки, нивните сестри, нивните жени и нивните ќерки како лелекаат, кубат коси и кинат кошули од болка…

Тој во колумната не изостави да го брани ликот и делот на бегалецот од правдата во Будимпешта, поранешниот премиер Никола Груевски.

„Груевски им го отстапи беа јавниот живот, образованието, културата, уметноста и медиумите, со чија помош девет години подоцна нелегално и нелегитимно истите тие на кои им прости, го симнаа од власт! Точка по „простувањето“! За една година започна прогон на Македонци од страна на комуњари, сдсмовци, а подоцна и северџани по идеолошка и политичка припадност“.

Бојаџи ги наброја најголемите успеси на македонската политика по кои земјата стана членка на НАТО и ги отвори перспективите за членство во ЕУ по повеќе од една деценија тапкање во место.

„Во меѓувреме, наспроти противењето на најголемиот број Македонци по род, ги потпишаа договорот со Бугарија и договорот од Преспа и направија нови политички отстапки, водејќи ја државата кон нови поделби и политички антагонизам“, напиша Бојаџи во колумната.

На самиот крај, Бојаџи „ветува“ дека, додека е жив, тие ќе живеат во немир.

Додека сум жив ќе живеете во немир. Помирете се со тоа. Мир нема да имате. Единствен начин да се спречи ново предавство и ново зло е да живеете обележано, во немир и страв“, пишува Бојаџи.

ЦИВИЛ остро го осудува овој експлицитен говор на омраза и повик за политички реваншизам, што го шири директорот на ТВ Алфа, Бојаџи, криејќи се зад правото на слобода на говорот. Неговите општествени и професионални позиции, како директор на телевизија со национална концесија, но и како универзитетски професор, подразбираат и повисока одговорност за неговото однесување во јавната комуникација и медиумите.

Непотребно е да се потсети јавноста дека со говорот на омразата, особено кога доаѓа од оние што имаат високи и одговорни позиции во општеството и/или институциите, може да се поттикне и да предизвика и дела од омраза.

Извештајот го подготви: Мониторинг тим на ЦИВИЛ

Зачлени се на нашиот е-билтен