Американскиот Сенат го повика поранешниот директор на Нвидија на сослушување

Нвидија
Фото: Anderseidesvik, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Претседателот на Комитетот за банкарство при американскиот Сенат, Тим Скот, испрати официјални покани за сведочење до поранешниот извршен директор на Нвидија, Џенсен Хуанг, и до министерот за трговија Хауард Лутник. Сенатот бара одговори за заштитата на чувствителната американска технологија по информациите за поврзаноста на Хуанг со кинеска бизнисменка осомничена за шпионажа.

Сенаторот Тим Скот преку социјалната мрежа Икс соопшти дека неодамнешните сознанија предизвикуваат сериозна загриженост за националната безбедност на Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека американската јавност заслужува одговори и најави дека разгледува можност за издавање обврзувачки судски повик доколку Хуанг не се одзове доброволно на поканата.

Џенсен Хуанг неодамна се повлече од челната позиција во Нвидија, една од клучните технолошки компании во развојот на вештачката интелигенција. Неговата оставка уследи откако во јавноста беа објавени информации за неговата врска со кинеската претприемачка Алис Хуанг, за која американските безбедносни служби се сомневаат дека дејствувала во корист на Пекинг.

Паралелно со ова, американскиот министер за трговија Хауард Лутник се соочува со зголемени критики од страна на законодавците. Забелешките се однесуваат на одбивањето на администрацијата да стави десетици кинески компании на трговската црна листа, како и на начинот на кој владата го надгледува извозот на чипови на Нвидија во Кина. Според извори запознаени со состојбите, високи претставници на Белата куќа веќе разговарале за тоа дали Лутник треба да остане на функцијата.

Поради безбедносните ризици, претседателите на три комитети во Претставничкиот дом исто така побараа Хуанг и главниот правен советник на Нвидија, Тим Тетер, да учествуваат на затворени сослушувања закажани за почетокот на декември.

Официјален Пекинг ги отфрли обвинувањата дека Алис Хуанг е шпионка. Американскиот јавен обвинител Тод Бланш изјави дека Министерството за правда на САД сè уште нема донесено конечен заклучок за нејзината евентуална шпионска активност.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?