НАТО анализа: Европа ќе се соочи со недостаток на авионско гориво во случај на војна

Screenshot

Европските членки на НАТО би можеле да се соочат со сериозен недостиг на авионско гориво во случај на голем воен конфликт, покажува анализата објавена од Центарот за извонредност за енергетска безбедност на НАТО (ENSEC COE). Затворањето на европските рафинерии, ниските резерви и растечката побарувачка во цивилното воздухопловство го прават авионскиот керозин најранливата алка во воената логистика на Алијансата до 2050 година.

Истражувањето насловено „Снабдување на силите до 2050 година“, подготвено во рамки на програмата „Иднината на горивата“ со придонес на истражувачи од Универзитетот во Абердин, ја оценува долгорочната сигурност во снабдувањето на европските членки на НАТО со конвенционални и алтернативни горива. Авторите на студијата – Бен Кук, Алф Мартинез-Фелипе, Марта Тортахада Сера, Хозе Луис Мегчун Ривера и Утибе-Абаси Име Окон – посочуваат дека наодите претставуваат независна експертска проценка, а не официјална политика на Алијансата.

Според податоците во извештајот, авионскиот керозин учествува со 60 до 72 проценти во вкупната воена потрошувачка на гориво во мирнодопски услови, а во случај на војна тој удел би пораснал на 75 до 80 проценти. Истовремено, ова гориво има најмали стратешки резерви во Европа – покриеност од просечни 49 дена, наспроти 120 дена за вкупните нафтени деривати.

Авторите предупредуваат дека европскиот рафинериски капацитет забрзано се намалува, додека преостанатите погони се концентрираат на помалку локации, што ги претвора во критични точки на ранливост. Во моментов, европските сојузници во НАТО увезуваат меѓу 27 и 30 проценти од потребниот авионски керозин надвор од регионот. Поради падот на домашното производство, дури и без зголемување на воените потреби, уделот на армијата во вкупното европско производство на конвенционално авионско гориво би можел да скокне од сегашните 4,5 проценти на 20 до 41 процент до 2050 година, во зависност од темпото на затворање на рафинериите.

Најголемите ризици, според проценката, би се појавиле при активирање на Членот 5 за колективна одбрана и масовно распоредување на северноамерикански сили во Европа. Планираните капацитети за одржливо авионско гориво (SAF) нема да бидат доволни за целосно да го надоместат јазот, бидејќи од најавените 14 милиони тони годишно до 2032 година, реално се очекува да бидат испорачани околу осум милиони тони.

На слични структурни слабости неодамна предупреди и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Во интервју за Блумберг на маргините на Генералното собрание на ОН, Руте оцени дека затворањето на постојните и отсуството на изградба на нови рафинерии во Европа претставува сериозна загриженост за одбраната. Тој нагласи дека во случај на воен конфликт и потреба од одбрана, на сојузничките армии ќе им бидат неопходни огромни количини дизел и гориво за борбените авиони како Ф-35 и за оклопните единици.

За да се избегне криза во снабдувањето во наредната деценија, истражувачите предлагаат пет клучни мерки: ревидирање на обврските за задолжителни резерви на авионско гориво, заштита на стратешките рафинериски капацитети, забрзување на производството на алтернативни горива, диверзификација на увозот и подготовка на планови за ограничување на цивилната потрошувачка во кризни ситуации.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?