Реза Пахлави се нуди за преоден водач: „Ова е часот на слободниот Иран, без нови спасувачки појаси за режимот“

ПАРИЗ – Реза Пахлави, прогонетиот син на последниот ирански шах, објави дека е подготвен да ја преземе улогата на преоден водач по евентуалниот пад на ајатолахот Али Хаменеи и побара од западните сојузници недвосмислена поддршка за смена на режимот. Пренесува ПОЛИТИКО во интервју со принцот Пехлави

На прес-конференција во Париз, 64-годишниот Пахлави го оцени моментот како историски: економијата е на раб на колапс, а прецизните израелско-американски удари врз нуклеарни и репресивни објекти, меѓу кои и озлогласениот затвор „Евин“, ја разнишуваат моќта на теократијата.

Тој најави амнестија за државните службеници и безбедносните сили што веднаш ќе застанат на страната на народот и обелодени создавање безбедна дигитална платформа за координација на штрајкови, протести и други облици на отпор. Воедно предупреди дека обидите за нови преговори со Техеран би биле залудни и ги повика западните лидери, што оваа недела се собираат на самитот на НАТО, да престанат да му „фрлаат спасувачки појас“ на Хаменеи.

„Шансите режимот да падне до крајот на годинава се извонредно добри“, изјави Пахлави, нагласувајќи дека комбинираниот воен и економски притисок ја турка власта кон тесна улица и му дава храброст на народот да излезе на улица.

Иако дел од опозицијата одбива враќање на монархијата, Пахлави подвлече дека идната уставотворна конференција ќе им ја препушти одлуката на граѓаните: „Ниту една опција – републиканска или монархистичка – не смее да биде исклучена.“

Сепак, аналитичарите потсетуваат дека иранското општество останува длабоко поделено, а под постојаните воздушни напади најголем приоритет му е преживувањето. Дали апелите на Пахлави и евентуалната јасна промена во ставот на Западот ќе се претворат во масовен бран отпор, засега останува неизвесно.

Зачлени се на нашиот е-билтен