Црвениот крст на град Скопје го стави во функција акцискиот план за справување со топлински бранови, со кој од утре до петок пет мобилни екипи ќе патролираат низ централното градско подрачје и на најфреквентните автобуски постојки од 11 до 16 часот.
Во секоја екипа ќе има лекар или парамедик и волонтери од тимот за одговор при катастрофи; вкупно се ангажирани 15 волонтери и пет службени возила. Екипите ќе дистрибуираат шишиња со вода и информативни летоци, ќе им мерат крвен притисок на граѓаните што почувствувале тегоби, а за посериозни случаи ќе обезбедат транспорт до најблиската здравствена установа или до домовите на лицата.
Планот предвидува и посебна грижа за бездомниците. Во пунктот во Момин Поток дежура мобилен телефон ‒ 071 / 223-972 ‒ на кој граѓаните можат да пријават лица изложени на опасност од жештините.
Активностите ќе продолжат сè додека трае опасноста од екстремно високи температури. УХМР предупредува дека во следните денови се очекуваат дури 40 °C, поради што се апелира на соодветна хидратација, избегнување престој на сонце во најтоплиот дел од денот и редовно проверување на ранливите категории граѓани.