Со пристигнувањето на дваесетина етаблирани уметници од 16 земји, денеска во Струга почнува десеттото, јубилејно издание на Меѓународниот ликовен симпозиум. Под отвореното небо, инспирирани од тиркајната површина на Охридското Езеро и живописниот крајбрежен пејзаж, творците ќе создаваат дела што кулминацијата ќе ја доживеат на завршната изложба на 29 јуни во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Организатор е Здружението за уметност и култура „SILINDAR’T“, предводено од проф. Бурхан Ахмети, а симпозиумот се реализира со поддршка од повеќе донатори. Кураторскиот тим го сочинуваат уметниците Берат Зулбехари и Верим Зендели, додека ликовната критичарка Јелдез Асани ќе ги следи и оценува творечките процеси.
Годинава програмата е збогатена со тркалезна маса посветена на современите предизвици во ликовната уметност и улогата на симпозиумите во културната размена. Очекувањата се од дискусиите да произлезат конкретни препораки за зајакнување на македонската уметничка сцена и поттикнување меѓународни соработки.
Посебно внимание привлекува гостувањето на швајцарскиот фотограф Ромир Имами, кој ќе одржи едукативна работилница на тема „Како да ги дигитализираме уметничките дела“. Обуката е насочена кон уметниците, но е отворена и за сите заинтересирани, вклучувајќи локални креативци, студенти и ентузијасти.
Симпозиумот е отворен за јавноста, а организаторите ги повикуваат граѓаните и туристите да го проследат процесот на настанувањето на уметничките дела, да се запознаат со авторите и да бидат дел од оваа културна приказна која, како што нагласуваат, има значаен придонес за визуелната уметност и културниот туризам во регионот.