Соединетите Држави засега нема да воведат дополнителни санкции против Русија, и покрај притисокот од европските сојузници, изјави државниот секретар Марко Рубио на маргините на самитот на НАТО.
Рубио нагласи дека претседателот Доналд Трамп сака да ја задржи можноста за директни преговори со Москва околу прекин на огнот во Украина. „Ако веднаш ги засилиме санкциите, ризикуваме да го изгубиме тој канал за разговор“, предупреди тој во интервју за POLITICO.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, заедно со повеќе европски лидери, денес ќе се обиде да го убеди Трамп дека на Русија ѝ се потребни посилни економски удари, особено откако Владимир Путин повеќепати ги одби американските предлози за договор.
Рубио, сепак, тврди дека Белата куќа „ќе го избере точниот момент“ за дополнителни мерки и дека во меѓувреме активно работи со Конгресот за да задржи „адекватна флексибилност“. Според него, нов круг санкции би значел дека шансите за преговори се минимални: „Тоа би било речиси признание дека процесот не може да се реши на маса во блиска иднина.“
САД, додаде Рубио, оценуваат дека Кремљ погрешно верува дека може воена да ги оствари условите што досега ги поставуваше на преговорите — задржување на окупираните територии и административни линии. „Ние сметаме дека тоа ќе биде многу потешка задача отколку што Москва проценува“, рече тој.
И покрај застојот во разговорите, Вашингтон, уверува Рубио, ќе продолжи да бара дипломатски канали. „Доколку се отвори можност да направиме разлика и да ги донесеме Русите на маса, ќе ја искористиме,“ заклучи шефот на американската дипломатија.