Топлотен бран ја зафаќа земјата: утре жешко над 40 °C, во петок можни невремиња

Македонија утре (четврток, 26 јуни) и во петок ќе остане под влијание на нов силен топлотен бран, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Според најавите, дневните температури ќе се искачат над 30 °C на целата територија, а утрешните максимални вредности локално ќе надминат 40 °C. УВ-индексот ќе достигне 9, што значи екстремно високо ниво на сончево зрачење.

Во петок попладне и навечер атмосферската нестабилност ќе се засили: на повеќе места се очекува пороен дожд проследен со грмежи, а локално се можни и краткотрајни, но силни невремиња со засилен ветер и услови за појава на град.

Од викендот натаму се најавува промена на временската слика. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се спуштат за 5–7 степени во однос на претходните два тропски дена, носејќи барем привремено олеснување од жештините.

УХМР апелира граѓаните во најтоплиот дел од денот да избегнуваат директна изложеност на сонце, да консумираат доволно течности и да користат заштита од УВ зрачењето.

Зачлени се на нашиот е-билтен