На Клиниката за детски болести во Скопје заврши темелна акција за отстранување на повеќе од 40 тони стар мебел, електронска опрема и медицински инвентар. Чистењето првпат беше изведено во партнерство со социјалното претпријатие „РЕДИ Рециклажа“, кое работи по лиценцирани еколошки стандарди и се залага за формализација на неформалните собирачи на отпад.
Акцијата е дел од серија од 11 инфраструктурни и медицински проекти што Клиниката ги реализира во изминативе 11 месеци за подобрување на условите за лекување на најмладите пациенти. Со отстранувањето на акумулираниот отпад се ослободи простор за нова опрема и се елиминира ризикот од можни жаришта на инфекција во болничките простории.
„РЕДИ Рециклажа“ беше одговорна за селекција, безбеден транспорт и еколошка обработка на неопасниот отпад, следејќи ги принципите на циркуларна економија. Од компанијата велат дека ваквите партнерства со јавни здравствени установи покажуваат како социјалните претпријатија можат истовремено да придонесат за заштита на животната средина и за вклучување на ранливи групи лица во формалната економија.
Директорот на Клиниката за детски болести најави дека и во следната фаза на обновување на установата приоритет ќе имаат решенија што ги комбинираат здравствените, социјалните и еколошките придобивки. Со вклучувањето на „РЕДИ Рециклажа“ клиниката покажа дека одржливите практики можат да бидат интегрален дел од модернизацијата на јавното здравство.