Бројот на умрени од насилна смрт лани зголемен за 24 проценти, над две третини се мажи

Бројот на умрени лица од насилна смрт минатата година е зголемен за 24 проценти во однос на 2023-та. Од вкупно 511 умрени лица, над 68 проценти се мажи, а најчеста причина, во 78,5 проценти од случаите се несреќни случаи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. 

Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2024 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 68.1 %, а 31.9 % жени.

Најголемо учество во вкупниот број на случаи на насилна смрт имаат несреќните случаи, кои учествуваат со 78.5 %, самоубиствата со 17.4 % и убиствата со 4.1 %. 

Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 38.0 % во вкупниот број на случаи од насилна смрт. 

Во категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација со учество од 8.8 % во вкупниот број случаи од насилна смрт. 

Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје имаат најголемо учество со 1.6 % во вкупниот број случаи од насилна смрт.

Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2.5 проценти

Зачлени се на нашиот е-билтен