Без нови барања од Софија: Жељазков потврди дека уставните измени се услов за старт на преговорите

Бугарија нема да поставува различни услови ниту ќе го претвори процесот во билатерален договор, туку ќе делува како членка на Европскиот совет,“ изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел.

Тој нагласи дека позицијата на Софија е „цела­сно усогласена“ со резолуцијата што бугарското Собрание ја изгласа во мај и со компромисот од 2022 година. „Главното прашање е промена на Уставот и впишување на бугарската заедница. Тоа не е ново барање, туку дел од веќе договорениот пакет,“ рече Жељазков за БГНЕС.

На средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, премиерот добил уверување дека Советот строго ќе се придржува до истата рамка. „Го замолив претседателот Кошта да им укаже на колегите во Скопје дека говорот на омраза ја поткопува довербата и не помага во процесот,“ додаде тој.

За дебатата во Европскиот парламент околу македонскиот идентитет и јазик, Жељазков смета дека станува збор за „одвлекување на вниманието“ од суштинското прашање — заштитата на човековите права на Бугарите во Северна Македонија и уставната гаранција за нивниот статус.

Со пораката дека „емоциите се под контрола“, Софија испраќа сигнал дека нема да користи вето, но и дека нема да се откаже од условот за уставни измени. Така, тежината повторно паѓа врз македонските власти, кои до почетокот на преговорите треба да обезбедат политички консензус за најавените измени.

Зачлени се на нашиот е-билтен