По повеќегодишна пауза, Валандово повторно доби свое кино. Обновената сала, опремена со најсовремена проекциска и звук-техника, е единствена од ваков вид во регионот и ќе понуди редовен филмски репертоар, како и други културно-уметнички содржини.
Свеченото отворање беше одбележано со премиера на најгледаниот македонски филм за 2024 година „Te dua, жими мене“, кој ќе се прикажува повторно во петок, на 27 јуни. Градските власти нагласија дека киното ќе биде важен простор за поттикнување на културниот живот во малата заедница и дека отворањето претставува чекор кон модерно урбано живеење.
Со обновената сала, љубителите на филмот од Валандово и поширокиот регион добиваат целосно кино-искуство – големо платно, врвно озвучување и удобни седишта – што треба да го зацврсти градот како ново регионално средиште за култура.
