Во првите три месеци од 2025 година во земјава се евидентирани 391 нови жртви на семејно и родово-базирано насилство: 284 жени, 53 мажи и 54 деца. Од 286 сторители, 266 се мажи. Најчесто се регистрирани психолошко насилство (345 случаи) и физичко насилство (221), додека сексуалното (2) и економското (9) се поретки, покажа денеска Министерството за социјална политика на промоцијата на кампањата „Има живот без насилство“ во Скопје.
Споредбено со 2023 година, бројот на жени-жртви лани пораснал за 14,7 %. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, истакна дека „насилството има многу лица, а секое остава рани — видливи или невидливи“. Тој им се обрати и на институциите: „Жената-жртва не е број во папка; таа бара надеж и заштита.“
Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер, нагласи дека секој има обврска да пријави насилство, додавајќи дека овој феномен „не е само лична трагедија, туку општествен неуспех“.
Настанот го организираа Министерството, Канцеларијата на УНФПА и Британската амбасада, како дел од комуникациската стратегија за подигнување на јавната свест и охрабрување на жртвите да бараат помош.