Повеќе од 150 дивоградби без основни безбедносни стандарди и без соодветни дозволи се регистрирани во скопската општина Чаир, при што постојат сомнежи дека незаконски се поврзани и со електричната мрежа на ЕВН. И покрај јавно објавените докази, Министерството за внатрешни работи, предводено од Панче Тошковски, не презема никакви мерки за решавање на овој проблем, соопштува СДСМ.
Во меѓувреме, МВР покажува целосно спротивен пристап кон граѓаните во помалите општини. Во Македонска Каменица е поднесена кривична пријава против жител кој само го реновирал покривот на својот дом. Според СДСМ, ова е очигледен пример за селективна правда и заштита на урбаната мафија поврзана со коалициските партнери на власта.
„Зошто премиерот Христијан Мицкоски молчи и до кога ќе ја толерира заштитата што неговите коалициски партнери од ВЛЕН ја даваат на урбаната мафија?“, прашуваат од СДСМ.
Опозицијата бара итна истрага и јасна одговорност за сите вклучени лица – без разлика дали се градоначалници, советници или високи партиски функционери.
„Нема и не смее да има недопирливи. Законот мора да важи за сите“, порачуваат од СДСМ и најавуваат продолжување на борбата за правда и ред во државата.